Преговарачите на Европската унија денеска постигнаа договор за ревизија на пазарот на емисии на јаглерод, што е главната политичка алатка на ЕУ за борба против глобалното затоплување, објавија чешкото Министерство и Европскиот совет.
„Договорот ќе ни овозможи да ги исполниме климатските цели во главните сектори на економијата, истовремено обезбедувајќи ефективна поддршка на најранливите граѓани и микро-претпријатија во климатската транзиција“, изјави чешкиот министер за животна средина Маријан Јуречка во изјавата.
Целта на договорот е да се намалат нето емисиите на стакленички гасови за 55 отсто до 2030 година, во однос на нивото од 1990 година.
Видете и ова: Кризата ја зголемува употребата на јаглен, расте и ризикот по здравјетоЗа исполнување на таа цел ќе биде потребна реформа на пазарот на јаглерод во ЕУ за побрзо намалување на емисиите, што ќе се бара од околу 10.000 електрани и фабрики да купуваат дозволи за јаглерод диоксид (CO2) кога загадуваат.
„Клучниот момент е 2027 година. Сите треба да ги намалат емисиите дотогаш или ќе мора да платат многу“, рече главниот преговарач на Европскиот парламент, Питер Лиз, додавајќи дека се надева дека крајниот рок ќе ги поттикне инвестициите во зелената енергија.
Преговарачите беа несогласни околу тоа колку брзо да се укинат бесплатните дозволи за CO2 што ЕУ им ги дава на индустриите за да ги заштити од странска конкуренција.
Видете и ова: Европска зима без руски гас - опасност за шумските ресурсиПо 30 часа разговори што започнаа во петокот, преговарачите се согласија да ја подигнат целта за намалување на емисиите во секторите опфатени со Европскиот систем за тргување со емисии на 62 отсто до 2030 година, се вели во соопштението на Европскиот совет.
Согласно договорот треба да се формира фонд за социјална клима за поддршка на ранливите домаќинства, микропретпријатија и транспортни корисници во енергетската транзиција, се вели во соопштението.
Привремената спогодба допрва треба да биде формално усвоена од Европскиот парламент и Европскиот совет.