Убиени седум ирачки полицајци во област каде е активна Исламската држава

Ирачките безбедносни сили по напад на милитанти на Исламската држава, во близина на Мукдадија, Ирак, 27 октомври 2021 година. (Архивска фотографија).

Најмалку седум припадници на ирачката федерална полиција денеска беа убиени, за време на напад во близина на Киркук на северот од земјата, каде што се активни некои џихадисти на Исламската држава, изјавија за АФП полициски и владини извори.

Ниту една група сè уште не ја презела одговорноста за нападот.

Во Багдад официјален претставник на МВР го потврди нападот.

Исламската држава зазема големи делови од ирачката и сириската територија од 2014 година. Кон крајот на 2017 година, тие беа поразени од ирачките сили поддржани од воената коалиција предводена од САД.

Видете и ова: Иран започна со изградба на нова нуклеарна централа

Исламската држава го загуби својот последен сириски бастион, во близина на границата со Ирак, во 2019 година.

Остатоците од Исламската држава (ИД), сепак, сè уште се активни во неколку области на Ирак.

Безбедносните сили во Багдад продолжуваат да спроведуваат антитерористички операции против групата, а редовно се известува за смрт на борци на ИД во воздушни напади и рации.

Исламската држава сè уште има подземна мрежа од меѓу 6.000 и 10.000 борци кои извршуваат напади на двете страни на границата меѓу Ирак и Сирија, се наведува во извештајот на ОН објавен оваа година.