Османи - државата е стабилна, внимателност кон намерата на „хибридните напади“

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оцени дека државата е стабилна и дека нема ризик од дестабилизација, но посочи дека се внимателни кон „намерата на овие хибридни напади“, за кои рече дека имаат цел да создадат немир и недоверба меѓу граѓаните, а потоа евентуално да се надоврзат и политички партии и други прашања.

„Останува МВР да се координира со партнерските служби во регионот и да побара помош за да се откријат сторителите кои очигледно не се во Македонија“, изјави денеска Османи на брифинг со новинарите.

Деновивите повќе објекти беа евакуирани по дојави за наводно поставени бомби.

Секојдневно има дојави за бомби во училишта во земјава, но вчера имаше дојава за бомба и на скопскиот аеродром.

Видете и ова: И скопскиот аеродром цел на хибридни напади, информиран е НАТО

Освен во училишта, вчера за првпат дојави стигнаа во спортската сала „Борис Трајковски“, Фудбалската федерација на Македонија, во хотелите Мериот и Александар Палас, каде беше одложена годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија, на која требаше да учествуваат премиерот Димитар Ковачевски и министрите Крешник Бектеши и Фатмир Бесими.

По трет пат од дојава за поставена бомба беше евакуиран трговскиот центар Ист гејт. По околу три часа беа завршени проверките и полицијата соопшти дека сите дојави биле лажни.

Османи вчера информираше дека и НАТО е известен за проблемот со лажните дојави, а премиерот Ковачевски повтори дека се работи за хибридна војна која го опфаќа целиот регион.

Османи на денешниот брифинг НАТО во моментов прават анализи за тоа што точно се случува.

„Ние бевме во комуникација со МВР во смисла како да пристапиме во однос на барање на поддршка и ние на МВР им кажавме дека НАТО не е адресата за конкретно ова прашање, затоа што ова бара полициска истрага со цел да се најдат сторителите. НАТО нема такви механизми“, рече Османи.