Лидерите на Унгарија, Азербејџан, Романија и Грузија Виктор Орбан, Илхам Алиев, Николае Чиука и Иракли Гарибашвили денеска потпишаа договор за изградба на подводен електричен кабел под Црното Море за пренос на азербејџанската енергија во Европа.
Кабелот долг 1.100 километри од Азербејџан до Романија е дел од напорите на Европската унија да ја намали зависноста од руската енергија.
„Со оглед на сегашниот безбедносен контекст обележан со воена агресија против Украина, ние мора подобро да соработуваме и да покажеме поголема солидарност за да ги ублажиме заедничките предизвици“, рече романскиот претседател Клаус Јоханис.
„Нашата енергетска соработка одговара на стратешкиот поттик. Таа ќе ја подобри нашата енергетска отпорност и ќе обезбеди диверзификација на маршутите за снабдување и транспорт. Таа е водена од пазарот со оглед на зголемената побарувачка за енергија во Европа“, додаде Јоханис.
Видете и ова: Кризата ја зголемува употребата на јаглен, расте и ризикот по здравјетоНа состанокот во Букурешт присуствуваше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Фон дер Лајен рече дека стратегијата на ЕУ е да им сврти грб на руските фосилни горива и да се диверзифицира кон, како што таа ги нарече „доверливи енергетски партнери“.
Таа рече дека ЕУ е подготвена да обезбеди финансиска поддршка на проектот.
„Со цел да го интегрираме растечкиот удел на обновливи извори на енергија, навистина ни требаат посилни интерконекции со електрична енергија. Затоа е толку важен Црноморскиот енергетски кабел меѓу Романија, Грузија и Азербејџан. Тоа ќе помогне да се зајакне нашата безбедност во снабдувањето со носење електрична енергија од обновливи извори во ЕУ преку Романија и преку Унгарија“, рече фон дер Лајен.