Струја и политика

ГЕРМАНИЈА - Германија даде зелено светло за купување на речиси триесетина борбени авиони Ф-35 од американско производство како дел од воената обнова поттикната од руската инвазија врз Украина. Буџетската комисија на германскиот парламент одобри осум проекти во вкупна вредност од 13 милијарди евра, вклучително и купување на борбени авиони Ф-35 од 10 милијарди евра.

СЛОВАЧКА - Словачките парламентарци вечерва и изгласаа недоверба на коалициската влада на премиерот Едуард Хегер, што може да доведе до предвремени избори во земјата. За смена на малцинската влада, која се состоеше од три партии, гласаа 78 од 150 парламентарци, односно двајца повеќе од потребното.

ЕУ / БИХ - Шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската унија (ЕУ) на денешниот состанок го потврдија кандидатскиот статус за Босна и Херцеговина.
„Европскиот совет ги поддржува заклучоците на Советот од 13 декември 2022 година за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација и се согласува на Босна и Херцеговина да и се додели статус на земја кандидат“, се вели во заклучоците усвоени од лидерите на ЕУ.

МАКЕДОНИЈА - Сите денешни пријави за наводно поставени бомби во училишта во Скопје и Куманово се лажни, информираа од Министерството за внатрешни работи.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, се вели во соопштението од МВР.

МАКЕДОНИЈА - Железници Транспорт на РСМ АД Скопје утрово кратко остана без струја откако ЕВН поради долг за неплатени сметки ги исклучи од мрежата објектите на државното железничко претпријатие кај депото во скопско Лисиче и во Велес. Од ЖРСМ Транспорт велат дека прекинот на напојувањето со струја не се одразил на одвивањето на железничкиот собраќај, иако постоеше таква опасност со оглед дека струја им е потребна за пумпите за нафта.

МАКЕДОНИЈА - Поради отштетување на патот од надојдените води од врнежите, отсечени се седум села во реонот на Горна река, информираат од локалната самоуправа на Маврово-Ростуше. Водата однела десетина метри од локалниот пат со што е оневозможен сообраќајот до селата Нистрово, Грекај, Бибај, Тануша, Рибница, Жужње и Нивишта. Во овој дел има дваесетина семејства кои постојано живеат во Нистрово.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски, на денешната седница на Советот за реформа на јавната администрација, прва откако тој раководи со владиниот кабинет, ја соопштил јасната определба за ефикасна и професионална јавна администрација и побарал проактивно работење „веднаш,“, соопштија од Владата.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека од почетокот на годинава протокот на илегални мигранти од територијата на Северна Македонија е зголемен за четири пати, а од територијата на Бугарија за 3,6 пати. По посетата на српско-унгарската граница, Вучиќ рече дека од почетокот на годината властите на Србија спречиле речиси 46.000 илегални влезови од Северна Македонија и дека презеле два вида мерки за спречување на илегалната миграција.

УКРАИНА - Руските трупи го засилија темпото на нивните немилосрдни напади врз Бахмут и Авдијевка во регионот Доњецк во Украина, соопшти денеска Генералштабот на украинската војска, додека Москва продолжи да ја напаѓа целата линија на фронтот на исток по главно неуспешниот напад со беспилотни летала врз Киев и смртоносното бомбардирање на Керсон на југ.

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири, во Основниот кривичен суд Скопје денеска изјави дека не се чувствува виновен за делото кое му се товари. Од друга страна, обвинителката Катерина Коларевиќ изјави дека со материјалните и вербалните докази, како и наоди од вештачење, ќе го докажат товарот. Според обвинението, Зеќири, како службено лице генерален секретар на Владата, со умисла извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.

ФРАНЦИЈА - 14-годишно момче загинало доцна синоќа во Монпелје, каде навивачите ја славеа победата на Франција против Мароко во полуфиналето на Светското првенство во Катар, објавија денеска француските медиуми. Веб-страницата на весникот „Депеш“ објави дека возачот го удрил тинејџерот, кој веднаш бил пренесен во болница, но од здобиените повреди набргу починал. Тој славел со другите навивачи кога се случила несреќата, соопшти локалната полиција, додавајќи дека во близина било пронајдено возило, но возачот бил во бегство. Полицијата не го прецизираше идентитетот на жртвата.