МВР утврди дека се лажни денешните пријави за бомби во Скопје и Куманово

Илустративна фотографија/ Учениците по евакуација поради една од лажните дојави за бомби изминатиот месец

Сите денешни пријави за наводно поставени бомби во училишта во Скопје и Куманово се лажни, информираа од Министерството за внатрешни работи.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, се вели во соопштението од МВР.

Видете и ова: Лажните дојави за бомби доаѓаат од моќен центар

Денеска пријави со закани за наводно поставени бомби пристигнаа на електронските адреса на 17 основни училишта и 22 средни училишта во Скопје, како и во осум основни и едно средно училиште во Куманово.

Како што претходно во текот на денот изјави Министерот за внатрешни работи Оливер Спаосвски, и покрај дојавите за бомби нема какви било индиции за нарушување на безбедносната состојба.

„ Има постојано штаб којшто работи на оваа проблематика и веднаш не само Одделот за дигитална форензика, туку и сите меѓународни партнери се известуваат во однос на сите овие дојави коишто ги имаме – ги споделуваме информациите и податоците коишто ги имаме со цел за да добиеме помош ако, еве во конкретниот случај што беше со Швајцарија, имавме и САД, имавме Хрватска итн“, изјави Спасовски.

Тој рече дека најчесто станува збор за ВПН конекции и дека не може да се добие една ИП адреса точно од каде е, туку се појавуваат илјадници ИП адреси во светот. Притоа најави дека наскоро очекува да биде решен случајот со електронска дојава за бомба во Кавадарци.

Скоро два месеци дојави за бомби, за кои подоцна се утврдува дека се лажни, вознемируваат голем број граѓани во Скопје, Кавадарци, а од денеска и во Куманово.