Ковачевски - Собранието и Претседателот ќе кажат дали Димовски ќе биде амбасадор во Франција

Димитар Ковачевски, лидер на СДСМ и мандатар за составување на новата влада

Дали досегашниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски ќе биде следниот амбасадор во Франција треба да одговорат Собранието и претседателот на државата, постапката за него во Владата е завршена одговори денеска премиерот Димитар Ковачевски на новинарското прашање за неговото назначување по скандалот со државјанството на контроверзниот Украинец Олександар Онишченко. Ковачевски не сакаше да коментира дали Владата избрза со изборот на Димоски за следен амбасадор додека трае истрагата за тоа кој е виновен.

„Кога ќе заврши од соодветните институции истрагата, тогаш ќе може да се коментираат наводите за тој случај. Поставувањето на амбасадори е процедура која вклучува повеќе институции. Што се однесува до Владата таа постапка е завршена, во однос на понатамошниот тек на постапката да се обратите до Собранието и претседателот на државата, изјави премиерот на денешната прес конференција.

Агенцијата за национална безбедност е една од институциите, која дала позитивно мислење Онишченко, кој е на црната листа на САД, да добие македонско државјанство. Вчера беше назначен нов директор на оваа институција Зарко Милошевски, на местото на Димовски.

Во меѓувреме денеска во Собраниската собраниската Комисија за надзор на работата на разузнавачите служби на дневен ред е улогата на Агенцијата за национална безбедност во скандалот со доделеното државјанство на контроверзниот Украинец Онишченко. Денешната седница е затворена за јавноста поради класифицираните информации.

Собраниската Комисија за оваа тема првично отвори дебата на 18 ноември, но седницата остана незавршена поради безбедносен пропуст кога дел од отчетот на сега веќе поранешниот директор Димовски беше објавен со аудио на јутјуб каналот на Собранието.

Во меѓувреме Владата ја поништи одлуката за доделување на македонско државјанство на Украинецот Олександр Онишченко, чие име е на црната листа на САД, но одговорните се уште не се казнети.

Претходно Димовски изјави дека не чувствува одговорност за случајот Онишченко, и дека намера да бега од државата. Тој тогаш посочи дека знае кој го ставил потписот, но се утврдува дали е пропуст, намера или лукративен интерес. Димовски не откри за кое лице се работи, но истакна дека се работи за искусен оперативец во Агенцијата.

Против Онишченко во јануари 2021 година, САД воведе санкции поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа претходната 2020 година“.