Четиринаесетгодишно момче загина за време на прославата по победата на Франција на Светското првенство

илустрација

14-годишно момче загинало доцна синоќа во Монпелје, каде навивачите ја славеа победата на Франција против Мароко во полуфиналето на Светското првенство во Катар, објавија денеска француските медиуми. Веб-страницата на весникот „Депеш“ објави дека возачот го удрил тинејџерот, кој веднаш бил пренесен во болница, но од здобиените повреди набргу починал. Тој славел со другите навивачи кога се случила несреќата, соопшти локалната полиција, додавајќи дека во близина било пронајдено возило, но возачот бил во бегство. Полицијата не го прецизираше идентитетот на жртвата.

Франција оди во финале, го победи Мароко 2 – 0

Навивачите ширум Франција синоќа ја прославија победата на својата репрезентација. Во текот на вечерта властите соопштија дека се приведени над 260 лица. Во Лион се случи инцидент во кој учествуваа група навивачи и членови на екстремната десница. Полицијата приведе седум лица. Собири имало и на авенијата Шанзелизе во Париз, во Бордо, Лил, Марсеј, Анеси, Стразбур и други градови. Мароко во сабота од 16 часот ќе игра натпревар за третото место против Хрватска, додека во недела во истиот термин е закажан финалниот натпревар меѓу Франција и Аргентина.