Иран е исклучен од Комисијата за статус на жените, тело на Обединетите нации на гласање во средата. Исклучувањето е поради контроверзните политики на оваа земја за правата на жените и девојчињата.
По кампањата предводена од Соединетите Американски Држави, 29 членки на Економскиот и социјалниот совет на ОН (ЕКОСОК) гласаа за исклучување на Исламската република од Комисијата на Обединетите нации за статусот на жените до крајот на нејзиниот мандат 2022-2026 година.
Дваесет и девет од членките гласаа „за“, осум земји гласаа против, а 16 беа воздржани. Беше потребно просто мнозинство за усвојување на потегот, кој беше предложен од САД.
Во текстот се вели дека иранското раководство „континуирано ги поткопува и сè повеќе ги потиснува човековите права на жените и девојките, вклучително и правото на слобода на изразување и мислење, често со употреба на прекумерна сила“.
Комисијата е главното глобално меѓувладино тело исклучиво посветено на промоција на родовата еднаквост и зајакнување на жените.
Противниците, вклучувајќи ги Русија и Кина, истакнаа дека Иран е избран во телото и дека неговото протерување претставува „опасен преседан“.
Иран е зафатен од демонстрации по смртта на младата Махса Амини, која почина на 16 септември во притвор откако беше уапсена поради наводно кршење на строгиот кодекс на облекување на жените во земјата.
Оттогаш, властите уапсија илјадници луѓе во обид да ги сузбијат протестите.
Иранското правосудство соопшти дека се изречени 11 смртни казни во врска со протестите.
Иран го обвини Вашингтон дека врши притисок врз земјите пред гласањето.