„Вучиќ ја разбира сериозноста на ситуацијата“, напиша на Твитер претставникот на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Имавме отворена и искрена дискусија за политичко решение што ќе ги намали тензиите и ќе овозможи демонтирање на барикадите“, вели Лајчак по средбата во Белград.
На Лајчак и Вучиќ по билатералната средба им се приклучи и заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар.
Вучиќ по средбата на Инстаграм објави дека имал „искрен и коректен“ разговор со претставници на ЕУ и САД.
Видете и ова: Страднер: Руското влијание и ескалацијата меѓу Србија и КосовоПосетата на специјалните претставници на Европската унија и на САД доаѓа во време на растечки тензии меѓу Белград и Приштина.
Претседателот на Србија пред средбата со нив преку видео порака на Инстаграм ги праша „западните партнери дали ќе ги почитуваат договорите што сами ги направија“.
„Кумановскиот договор, Повелбата на ОН, Резолуцијата 1244, Бриселскиот договор или Вашингтонскиот договор. Дојдовме до шестиот, многу важен документ на ЕУ од 2003 година, познатиот Солунски документ, за проширување на ЕУ кон Западен Балкан“, објасни Вучиќ.
Најголем дел од документите што ги споменува Вучиќ се однесуваат на Косово.
Тој додаде дека во Солунскиот договор има клаузула дека ќе се поддржи имплементацијата на резолуцијата 1244.
„И во светло на поднесувањето на апликацијата за членство во ЕУ на таканареченото Косово, моето прашање е дали ќе ги почитуваат документите што самите ги донеле“, рече Вучиќ.
На 14 декември косовските лидери потпишаа апликација за членство во Европската унија (ЕУ), која еден ден подоцна ќе и биде предадена на Чешка, земјата која моментално претседава со ЕУ.
Ескобар во Белград дојде по дводневната посета на Косово, каде се сретна со косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот на Косово Албин Курти.