Резултати, намести зборови во борбата против корупцијата, бара меѓународната заедница

Убавите зборови не се доволни во борбата против корупцијата, граѓаните очекуваат резултати, порача денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, на отворањето на Регионалната конференција за борба против корупцијата, што се одржа во Скопје.

Евроамбасадорот вели дека борбата против корупција е тешка, бидејќи вклучува отстранување на елити и воспоставени интереси кои што функционираат на ниво на криминал и корупција, но и се потпира на менување на навиките на луѓето, граѓанското општество и медиумите.

Повиците за засилена борба против корупцијата од страна на меѓународни претставници се засилија во изминатите недели.

Видете и ова: Паликарски: само со закони не се разбиваат корупциските шеми

На денешната конференција претставникот на Регионалната канцеларија за Југоисточна Европа на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (УНОДЦ), Данило Рици посочи дека корупцијата е еден од главните глобални предизвици денес и таа ги ослабува државните капацитети.

Раководителката на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) Десислава Гоцкова, на отворањето на Регионалната конференција рече дека политичките заложби за борба против корупцијата треба да се пресликаат и во пракса.

Владата го зголеми буџетот и капацитетите, останува на судиите и на јавните обвинители да ја завршуваат својата обврска со интегритет, да не бидат подложни на надворешни влијанија и да се држат исклучиво до законите, порача денеска вицепремиерката за политики на добро владеење Славица Грковска.

Видете и ова: Американските истражители за корупција ја напуштиле Македонија

Одговарајќи на новинарски прашања Грковска рече дека тоа што Владата го направила досега не е доволно, меѓутоа, факт е дека од страна на тоа што Владата можело да го направи, како голем исчекор е направено.

Во изминативе 18 месеци земјите од Западен Балкан работат на спроведување на мерки од регионалниот патоказ за борба против корупцијата и следење на нелегалните финансиски трансакции.