Политичари, голгетери и бебиња
МАКЕДОНИЈА - „Тимот од Вашингтон кој минатата недела беше овде ја напушти Северна Македонија“, велат од амбасадата на Соединетите Американски Држави за РСЕ. Од амбасадата додаваат дека САД се посветени на тоа да ги повикуваат на одговорност оние кои се вклучени во значителна корупција и ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки за борба против корупцијата на глобално ниво.
КАТАР - Аргентина со 3:0 ја победи Хрватска и се пласираше во финалето на светското фудбалско првенство кое се одржува во Катар. Првиот гол го постигна Лионел Меси од пенал. Стрелец на вториот и третиот гол беше Хулијан Алварез. Кој ќе биде противник на „гаучосите“ ќе се знае утре по натпреварот на Мароко и Франција.
ЦРНА ГОРА - Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ денеска ја обвини актуелната влада дека не само што е неодговорна кон националните интереси на Црна Гора, туку и дека целосно ја игнорира Европа.
Тој одговарајќи на прашања за повторувањето на локалните избори во Шавник, изменетиот Закон за претседател и неизборот на судии на Уставниот суд посочи дека е добиена јасна порака дека власта не е заинтересирана за тоа.
ЕУ / БИХ - Препораката на Советот за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина е порака до сите граѓани на БиХ дека нивната иднина е во Европската унија, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел. БиХ денеска доби кандидатски статус за ЕУ.
МАРОКО - Бебињата кои го соборија Гинисовиот рекорд за најголем број родени и преживеани бебиња при едно раѓање сега се наоѓаат во нивниот дом во Мали откако ги поминаа првите 19 месеци од својот живот во Мароко, пишува Би-Би-Си.
Пет девојчиња и четири момчиња се родени со царски рез во 30-та недела, а лекарите во Мали првично мислеле дека се седум бебиња. При раѓањето, бебињата тежеле од половина до еден килограм.
МАКЕДОНИЈА - Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски изјави денеска дека прекинуваат протестите на приватните превозници и автобусите се повлекуваат од блокадите. Тој посочи дека ќе му се даде простор на дијалогот што го предложи премиерот Димитар Ковачевски.
СРБИЈА - Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека поради актуелната криза на Косово, Србија може да загуби многу.
„Сегашната криза во Косово секако може да загрози сè, не само нашето ниво на американски инвестиции, може да го загрози сето она за што работевме од 2013 година. Нивото на инвестиции, вкупната стапка на невработеност, растот на платите и пензиите. Реков неколку пати имаме толку многу да изгубиме, но тешко е кога на другата страна имаш некој што нема што да загуби“, изјави Брнабиќ.
ГРЦИЈА - 16-годишно момче Ром почина денеска во болница откако било застрелано од полицијата во Солун, јави грчката државна телевизија ЕРТ. Инцидентот се случил на 5 декември по што дојде до насилни протести на ромските групи и други демонстранти низ целата земја. Полицијата соопшти дека го бркала момчето откако наполнило бензин и избегало од бензинската пумпа. За случајот е уапсен еден полицаец, а покрената е истрага за инцидентот.
МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека неговата сопруга инвестирала сопствени пари во изградба на фотоволтаична централа, а тоа било пријавено во неговиот анкетен лист поднесен до Антикорупциската комисија - ДКСК пред да дојде на сегашната функција.
РУСИЈА - Русија денеска го отфрли наводниот мировен предлог од три чекори на украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека Киев треба да ги прифати новите „реалности“. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека напредокот нема да биде можен без да се земат предвид овие реалности, вклучително и руското заземање територии од Украина.