Американските истражители за корупција ја напуштиле Македонија

Илустрација

„Тимот од Вашингтон кој минатата недела беше овде ја напушти Северна Македонија“, велат од амбасадата на Соединетите Американски Држави за РСЕ. Од амбасадата додаваат дека САД се посветени на тоа да ги повикуваат на одговорност оние кои се вклучени во значителна корупција и ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки за борба против корупцијата на глобално ниво.

„Стејт департментот разгледува низа достапни органи на власта, кои во координација со меѓуресорски колеги, преземaат соодветни активности за да се спротивстават на корупцијата. Преку идентификување под овие органи на власта, Соединетите Држави можат да промовираат одговорност за сегашни и поранешни владини функционери, кои се впуштаат во корупција, или вршат кршење и злоупотреби на човекови права, и да ги поддржуваат напорите за попречување или одвраќање од идни злоупотреби“, велат од амбасадата за РСЕ.

Од амбасадата посочуваат дека кога државниот секретар ќе добие веродостојни информации дека актуелен или поранешен функционер на странска влада бил вмешан, директно или индиректно, во значителна корупција или грубо кршење на човековите права, секретарот има обврска да го назначи или идентификува тој службеник и неговиот/нејзиниот непосреден член на семејството врз основа на членот 7031(в), или јавно или приватно.

„Стејт департментот ќе продолжи да ги користи овие овластувања и сите достапни алатки за борба против корупцијата на глобално ниво. Во зависност од конкретните околности, некои назначувања се прават јавно, а други приватно“, велат од амбасадата на САД.

Од амбасадата посочуваат дека ова било само првата од повеќе вакви посети на тимот на Северна Македонија.

Видете и ова: Американски тим во Македонија за поагресивно истражување на корупција

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер на Твитер на 6 декември најави дека Вашингтон испраќа тим во Македонија за поагресивен поглед на корумпирани учесници и сегашни и минати. Таа напиша дека тимот ќе ги разгледа сите можни одговори.

„На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, твитна амбасадорката.

Видете и ова: Многу галама за корупцијата, а во пракса без резултати

Во последниот период борбата против корупцијата во земјава е цел на гласни критики од претставниците на меѓународната заедница.