Борел: Кандидатскиот статус за БиХ е порака до граѓаните дека нивната иднина е во ЕУ

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

Препораката на Советот за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина е порака до сите граѓани на БиХ дека нивната иднина е во Европската унија, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

„Постојаниот напредок во реформите е клучен за исполнување на оваа перспектива“, напиша Борел на Твитер.

Советот за општи работи на Европската унија го одобри кандидатскиот статус за Босна и Херцеговина на денешниот состанок. Следува потврдата од Европскиот совет, по што одлуката ќе ја потврдат шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската унија на самитот што ќе се одржи утре.

Видете и ова: Министрите на ЕУ ќе расправаат за кандидатскиот статус на Босна и Херцеговина


Во октомври, Европската комисија препорача статус на кандидат за полноправно членство во ЕУ за Босна и Херцеговина, со очекување дека ќе бидат исполнети осум конкретни услови. Прашањето за доделување кандидатски статус за БиХ беше покренато откако ЕУ го одобри овој статус за Украина и Молдавија.