Претседателот на Србија, Александар Вучиќ утре во Белград ќе се сретне со претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, соопшти неговиот кабинет. Потоа, како што е наведено, предвидена е трилатерална средба меѓу Вучиќ и Лајчак и заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар.
Главниот дипломат на Европската унија, Жозеп Борел, претходно потврди дека Лајчак ќе отпатува во регионот за да помогне во намалувањето на тензиите на северот на Косово. Според него, ЕУ е подготвена да испрати засилување во мисијата на ЕУ на Косово (ЕУЛЕКС).
Ескобар денеска се сретна со претставници на опозициските партии во Приштина. Ден претходно, Ескобар беше примен од косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти.
Во соопштението од кабинетот на премиерот, се наведува дека разговарале за „актуелната ситуација и последните настани, особено во северниот дел на Република Косово“.
„Беше истакнато веднаш да се отстранат барикадите на патот“, се вели во соопштението на премиерот Курти.
Видете и ова: Брнабиќ: Србија може да изгуби многу поради кризата на КосовоКамиони и автобуси продолжуваат да ги блокираат патиштата на северот на Косово, спречувајќи го сообраќајот кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак. Неколку групи српски граѓани од Косово почнаа да подигнуваат барикади на 10 декември, кога властите во Косово објавија дека е уапсен поранешен српски полицаец.