Брнабиќ: Србија може да изгуби многу поради кризата на Косово

Српската премиерка Ана Брнабиќ

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека поради актуелната криза на Косово, Србија може да загуби многу.

„Сегашната криза во Косово секако може да загрози сè, не само нашето ниво на американски инвестиции, може да го загрози сето она за што работевме од 2013 година. Нивото на инвестиции, вкупната стапка на невработеност, растот на платите и пензиите. Реков неколку пати имаме толку многу да изгубиме, но тешко е кога на другата страна имаш некој што нема што да загуби“, изјави Брнабиќ.

Таа посочи дека нема никаков апел за Србите на северот на Косово „освен да имаат трпение и да покажуват поголема флексибилност“.

„Но, како да го кажам тоа од удобноста на Белград?“, рече таа.

Брнабиќ изјави и дека меѓународната заедница ги слуша Србите „само кога се на барикадите“. Притоа апелираше до КФОР и ЕУЛЕКС „да си ја завршат работата на Косово, бидејќи Србите не се чувствуваат безбедни“.

Видете и ова: Со загриженост се следи развојот на ситуацијата на Косово

Камиони и автобуси продолжуваат да ги блокираат патиштата на северот на Косово, спречувајќи го сообраќајот кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак. Неколку групи српски граѓани од Косово почнаа да подигнуваат барикади на 10 декември, кога властите во Косово објавија дека е уапсен поранешен српски полицаец.