Во август годинава, беше убиена 46-годишна жена од Неготино. Настанот се случил во станот каде престојувала жртвата со нејзината 22 годишна ќерка, откако се разделиле со сторителот, со кого живеела во вонбрачна заедница.
Две години претходно, во Гостивар беше убиена 60-годишна жена од страна на нејзиниот сопруг, во нивниот заеднички дом во Гостивар.
И двата случаи не се водат како фемициди, бидејќи ова дело го нема во Кривичниот законик, иако и во двата случаи беа убиени жени, дома, од свои сегашни или поранешни партнери.
Видете и ова: Трнлив пат до правда за жртвите од Јавна собаЕдна од дефинициите вели дека фемицидот претставува убиство на жена затоа што е жена и е најекстремната манифестација на насилство врз жените, кое најчесто е резултат на континуирана изложеност на насилство, пришто сторителите се најчесто интимни партнери, членови на семејството или други лица познати на жртвата.
Во изминатите дваесет години, во земјава имало 54 вакви случаи, барем според статистиките на граѓанските организации кои алармираат дека институциите немаат регистар за ваквите дела.
Прстот кон институциите
Заедничко за двата случаи, оној во Гостивар и Неготино, е што прстот се вперува во институциите. Ќерката, синот и родителите на убиената жена од Неготино сметаат дека била направена погрешна квалификација на делото, како резултат на направени големи пропусти од страна на Обвинителството во истражната постапка. Во случајот пак во Гостивар, остана сомнежот дека тој можело да биде превениран по сознанијата дека полицијата само еден ден пред убиството, не постапила по добиената пријава за насилство.
Овие случаи, ги анализираше Бојана Јовановска, во своето истражување „Невидливи убиства“, посветено на на фемицидите во земјава. Нејзиниот заклучок е дека корените на овој проблем се во патријархалниот систем, културата на прифаќање на родово базираното насилство и секако, во неговото непрепознавање и неказнивост.
„Недовербата во институциите е на многу високо ниво, на тоа укажува и многу ниската стапка на пријавување на родово базираното и семејното насилство“, вели Јовановска која дополнува дека во случаите на фемицид „сите институции затаиле при превенција на семејното насилство“.
Истражувањата покажале дека само 2% од насилството се пријавува, па најчесто жените молчат и трпат. Истражувањето на Јовановска нотира дека во прилог на ова оди фактот што многу од жените се во лоша финансиска положба, а слаба е и институционалната поддршка од државата кога тие имаат ваков проблем.
Насилството останува непријавено
Државата не води статистика за фемицидите. Обид да дојде до некакви бројки направи Елена Димушевска, од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“. Нејзината анализа покажаа дека од август 2001 до август 2016 година во земјава биле направени 32 фемициди, а меѓу 2017 до 2020 година уште 22. Но, како што и самата забележува, сите институции водат посебни статистики кои не се поклопуваат, па затоа и овие бројки може да се земат со „резерва“.
Според нејзината последна анализа, кај повеќе од 75% проценти од анализираните случаи на убиства на жени кривичното дело било извршено од страна на актуелниот или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жената живеела во заедница, а во повеќе од 80% од случаите, иако претходно постоело насилство, ниту една од жртвите не го пријавила во надлежните институции.
„Во повеќе од 50% убиствата се случиле во семејниот дом. Домот за жената е најнебезбедно место. Доколку не е во домот каде тие зеднички живеат, следното место каде најчесто се случуваат убиствата е домот на родителите на жртвата каде таа најчесто оди откако ќе го напушти насилникот, или евентуално нејзиниот нов дом. Но во секој случај е домот“, децидна е Димушевска.
Нема меѓусекторска соработка
Годишно на Бесплатна национална мобилна линија за семејното насилство 141-700, има околу 500 јавувања, вели Савка Тодоровска, претседателката на Националниот совет за родова рамноправност. Она што го забележува во поново време, е дека жените помалку бараат помош за сместување, а повеќе излез од ситуацијата „со помош во институциите в државата“. Но тука запнува работата.
Видете и ова: „Лишени од нормален живот“: семејното насилство во Бугарија„Проблем е меѓусекторската институционална соработка. Затоа жртвите се незадоволни. Сега се прави нов протокол за меѓусекторска соработка за кој се надеваме, барем ние како практичари дека ќе донесе позитивен резултат за жртвите“, вели Тодоровска.
Ова го нотира и истражувањето на Јовановска, „Невидливи Убиства“, со кое таа прави обид за зголемување на јавната свест за фемицидите, но и создавање на соодветна база на податоци што претставува основа за креирање на соодветни политики и закони за превенција.
„Она за што треба да се залагаме е за препознавање на сите видови родово базирано насилство, бидејќи кога ги препознаваме останатите видови, кога работиме на нивно превенирање, работиме и на превенирање на фемицидот бидејќи тој најчесто се јавува како континуитет на претходни различни видови на родово базирано насилство“, потсетува авторката.
Граѓанските здруженијасега бараат фемицидот да се издвои како посебно кривично дело, или барем да добие посебна квалификација во случаите на убиство.
Иако Македонија еше помеѓу првите држави кои ја потпишаа, а потоа и ратификуваа Конвенција на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство, позната и само како Истанбулска конвенција, има многу предизвици во процесот на имплементација. Така, и во последниот извештај на Европската Комисија за напредокот земјава, повторно се нагласува потребата Министерството за правда да пристапи кон донесување на измени на Кривичниот закон, а со цел да обезбеди целосна заштита на жртвите на сите форми на насилство, вклучително и фемицидот.
Во меѓувреме остануваат сомнежите дека институциите потфрлија во случаите на фемицид во Гостивар и Неготино. Но граѓанските здруженија сега алармираат час поскоро да се донесат ваквите измени, кои заедно со поддршката на граѓанскиот сектор и подобрата координација меѓу институциите, ќе бидат од помош во превенирање на ваквите дела.