Ковачевски за дојавите за поставени бомби: ова е хибридна војна

Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски во врска со големиот број дојави на бомби во трговски центри, училишта, институции, згради изјави дека тие се прават преку т.н. ВПН врски хостирани во странство. „ВПН се виртуелни приватни мрежи хостирани во странски држави. Затоа се работи со партнерски служби. Ова е хибридна војна. МВР работи интензивно со партнерските служби. Да, секојдневно комуницираат. Со НАТО и другите земји со кои имаме соработка. Се прават анализи со службите за безбедност. Одделот за антитероризам ги проверува сите училишта за да може да во најкус рок да се утврди дека се лажни дојавите“, изјави Ковачевски на денешната прес конференција, на која упати порака до граѓаните да не учествуваат во овие активности.

МВР: Лажни се пријавите за бомби на повеќе локации во Скопје и во Кавадарци

Притоа тој оцени дека безбедноста состојба во државата е стабилна. „МВР успешно ја врши својата работа за да ја гарантира безбедноста на секој граѓанин во нашата држава“, изјави тој, наведувајќи дека Македонија не е единствена со ваков проблем. „На ваков тип напади масовно се изложени и соседните земји. На пример, вакви последни дојави има во Црна Гора, Србија, како и подалечни земји – Нов Зеланд, Канада, САД, Германија итн. Според експертите од оваа проблематика особено се зголемени по војата во Украина, која е најпогодена од ваквите напади“, рече премиерот.