Зеленски: на Украина и се потребни 800 милиони евра за потребите на населението во текот на зимата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска оцени дека на Украина, чија енергетска инфраструктура е уништена од руските напади, и требаат „најмалку 800 милиони евра“ итна помош за да ги задоволи потребите на населението за време на зимата. Зеленски преку видео врска зборуваше на отворањето на меѓународната конференција за солидарност со Украина, што се одржува во Париз. „Потребни ни се неколку категории опрема, трансформатори, опрема за реставрација на високонапонски мрежи, гасни турбини... на нашиот енергетски систем му треба, барем до крајот на грејната сезона, итна помош од европскиот енергетски систем, т.е. , струја од земјите на Европската унија во Украина“, рече Зеленски. Украинскиот претседател додаде дека оваа помош „ќе чини околу 800 милиони евра“.

Русија продолжува да ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура

Францускиот претседател Емануел Макрон ја истакна волјата на меѓународната заедница да им помогне на Украинците „да и се спротивстават во текот на оваа зима“ на Русија. Говорејќи на отворањето на конференцијата во Париз, Макрон рече дека „Русија се однесува кукавички“ и дека „се обидува да сее терор меѓу населението“ на Украина со напади врз цивилната инфраструктура.