Претседатели, ракети и протести

ЦРНА ГОРА - Собранието на Црна Гора повторно и покрај препораките на Венецијанската комисија, го усвои дополнетиот Закон за претседател, со чие усвојување актуелното парламентарно мнозинство ќе преземе дел од надлежностите на претседателот на државата во делот на избор на новата Влада. На донесувањето на законот бурно реагираа граѓаните кои цел ден протестираат пред Собранието на Црна Гора.

ГРЦИЈА / ТУРЦИЈА - Шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас оцени дека е неприфатливо турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да се заканува дека со балистички ракети ќе ја нападне Атина.
„Заканата од ракетен напад врз Грција од членка на НАТО е неприфатлива, изјави Дендиас во Брисел, пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија, додавајќи дека „пристапот на Северна Кореја не смее да влезе во НАТО“.

МАКЕДОНИЈА - Приватните автобуски превозници информираат дека нивните автобуси засега остануваат паркирани на булеварот „Илинден“ пред Градот Скопје.
„Секој што сака да го донесе своето дете или внуче, да ги разгледаат автобусите внатрешно, да седнат на возачкото столче, да свирнат со сирените на автобусите, да го држат воланот во рацете, да се почувствува како возач на автобус. Повелете добредојдени сте, а сето ова ќе биде надгледувано од лице задолжено за надзор во Ваше присуство“, велат за МИА од Здружението на приватни превозници „Слобода превоз“.

РУСИЈА - Без да ги каже причините Кремљ денеска објави дека рускиот претседател Владимир Путин оваа година нема да ја одржи својата годишна прес-конференција на крајот на годината.
„Нема да има прес-конференција пред Нова година“, кратко изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

КОСОВО - Основниот суд во Приштина му одреди мерка притвор од 30 дена на поранешниот припадник на Полицијата на Косово, Дејан Пантиќ, кој беше приведен како осомничен дека минатата недела организира вооружени напади врз полицијата и канцелариите на изборните комисии во општините со мнозинско српско население во северно Косово. Апсењето на Пантиќ во саботата на граничен премин меѓу Косово и Србија беше повод за поставување барикади и блокирање на патиштата во тој дел од Косово, по што уследија и неколку напади со експлозивни средства, шок-бомби и огнено оружје врз припадници на косовската полиција, како и врз патрола на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС.

БИХ - Босна и Херцеговина најверојатно ќе добие статус на земја кандидат за полноправно членство во Европската унија, утре на 13 декември, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на на документ до кој имаше пристап.

АВГАНИСТАН - Нападнат е хотел за странци во Кабул, главниот град на Авганистан, а тројца напаѓачи се убиени, изјави талибански претставник на 12 декември. Портпаролот на талибанската влада Забихула Муџахид изјави дека во таа прилика се повредени двајца странски државјани, пренесува АП.

МАКЕДОНИЈА - Комисијата за европски прашања ја одложи денешната седница на која требаше да се расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на население од заразни болести, кој кај населението предизвика различни коментари.

МАКЕДОНИЈА - Сите одобрени учебници ќе се достават кај учениците пред завршување на првото полугодие, појаснија од ресорното министерство откако на денешната прес конференција министерот за образование и наука Јетон Шаќири наместо, до крајот на календарската година, кажа дека учебниците ќе се достават до крајот на учебната година.

МАКЕДОНИЈА - Направени се сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта и други објекти во Скопје и Кавадарци, кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, информираа од Министерството за внатрешни работи.