Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Подгорица

Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Подгорица, 12 декември 2022

Собранието на Црна Гора повторно и покрај препораките на Венецијанската комисија, го усвои дополнетиот Закон за претседател, со чие усвојување актуелното парламентарно мнозинство ќе преземе дел од надлежностите на претседателот на државата во делот на избор на новата Влада.

На донесувањето на законот бурно реагираа граѓаните кои од утрово протестираат пред Собранието на Црна Гора.

Имено, по официјалното завршување на собирот, група млади луѓе фрлиле неколку тврди предмети и факели, а полицијата одговорила со солзавец. Оградата пред Собранието е делумно скршена, како и стаклото на влезната врата од Собранието.

Предраг Вушуровиќ, од движењето „Не има“, кое го организираше протестот, рече дека со донесувањето на изменетиот закон е потврдено предавството и најави „блокада на сите црногорски градови во наредните денови“.

Видете и ова: Ѓукановиќ одби да го потпише законот за пренесување на неговите овластувања на Собранието

Ова е четврти протест на движењето „Не има “. Претходните поминаа мирно. Полицијата се уште не се огласила, а дел од граѓаните се уште се пред парламентот.

Целта на измените, предложени од прорускиот Демократски фронт, е нивниот кандидат Миодраг Лекиќ да биде избран за кандидат.

Собранието претходно на 2 ноември го донесе изменетиот закон, но Ѓукановиќ одби да го потпише. Според Уставот, Ѓукановиќ е должен да го објави законот по втор пат кога ќе биде усвоен во парламентот. Сепак, Собранието денеска одлучи дека во случај тој да не го стори тоа, претседателот на Собранието може да го достави Законот до Службен весник, со што ќе се стапи во сила.

Собранието на дневен ред ја стави и расправа за тоа дали претседателот Ѓукановиќ го прекршил Уставот затоа што не предложил претставник за состав на новата Влада, но за тоа денеска не се расправаше. Продолжението на седницата е закажано за утре.

Претходно, Собранието на Црна Гора не избра судии на Уставниот суд, бидејќи ниту еден од четворицата кандидати не доби доволен број гласови.

Брисел и Вашингтон постојано бараат да се изберат судии на Уставниот суд, а Венецијанската комисија, која е поддржана од Меѓународната заедница, побара да не се усвојат измените на Законот за претседател.