Триесетдневен притвор за Дејан Пантиќ

илустрација од блокадите на северот на Косово по апсењето на Пантиќ

Основниот суд во Приштина му одреди мерка притвор од 30 дена на поранешниот припадник на Полицијата на Косово, Дејан Пантиќ, кој беше приведен како осомничен дека минатата недела организира вооружени напади врз полицијата и канцелариите на изборните комисии во општините со мнозинско српско население во северно Косово.

Информацијата во изјава за медиумите ја потврди портпартолката на Основниот суд, Мирлинда Гаши, која изјави дека судот го прифатил барањето на Основното обвинителство за одредување притвор на Пантиќ, кој се сомничи за кривичните дела „тероризам“ и „загрозување на уставниот поредок на Република Косово“.

Апсењето на Пантиќ во саботата на граничен премин меѓу Косово и Србија беше повод за поставување барикади и блокирање на патиштата во тој дел од Косово, по што уследија и неколку напади со експлозивни средства, шок-бомби и огнено оружје врз припадници на косовската полиција, како и врз патрола на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трет ден блокади во северно Косово

Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистерски таблички.

По притисок од западните сојузници, пред сé на САД, првин на почетокот на ноември Курти се откажа од намерата за казнување на сопствениците на српски регистерски таблички, а подоцна, во петокот (9 декември) и претседателката на Косово, Вјоса Османи објави дека се одлагаат вонредните избори за 23 април идната година.

Според косовскиот премиер, инцидентите во косовскиот север ги предизвикуваат криминални групи, диригирани од српскиот претседател Александар Вучиќ.

По вчерашната седница на државниот Совет за безбедност, Курти порача дека „Косово не бара конфликт, туку мир и дијалог, но доколку биде потребно ќе се одбрани решително и силно“.