Комисијата за европски прашања ја одложи денешната седница на која требаше да се расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на население од заразни болести, кој кај населението предизвика различни коментари.
Министерот за здравство Беким Сали вели дека предложените измени на Законот за заштита на населението се направени во врска со последната пандемија на ковид 19, во која сè уште се наоѓаме.
„Ова значи дека сите одлуки што се носеа од страна на Владата за изолација и одредување мерки сега ќе имаат и правна основа со закон. Со овој степен на пандемија, како што е во моментов нема да се бараат сертификати, бидејќи нема ризик кон општото здравје за граѓаните“, изјави министерот за здравство Беким Сали и појасни дека доколку не се појави епидемија не се наметнува никакво ограничување.
Видете и ова: За ЕУ пандемијата на ковид-19 не е завршенаВо одговор на новинарско прашање на денешната конференција на тема „Преку стратешко управување со погрешни информации и квалитетно медиумско известување, до поголема доверба во вакцините“, тој истакна дека измените не се насочени кон граѓаните кои не сакаат да се вакцинираат, но ги известуваат оти „невакцинирањето по автоматизам не е право за движење каде било и кога било“.
„Сите ние сме дел од општество за кое сносиме одговорност“, додаде министерот.
Доколку има епидемија на морбили, појаснува Сали, Комисијата за заразни болести може да донесе мерка за децата кои се во ризик, да не одат во градинка.
Во членот 28 се додава нова потточка со која се забранува влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест.
Во член 29, пак, се додава нов член 29 а, којшто заради спречување на ширење на заразни болести дозволува Министерството да примени технолошки достигнувања како интернет платформи, паметни апликации, електронски услуги и слично, при што во однос на обработката на личните податоци се применуваат прописите од областа на заштита на личните податоци, како и соодветни технички и организациски мерки за да се обезбеди ниво на безбедност на личните податоци соодветно на ризикот.