Шаќири: Учениците ќе ги добијат учебниците до крајот на полугодието

Јетон Шаќири, министер за образование и наука

Сите одобрени учебници ќе се достават кај учениците пред завршување на првото полугодие, појаснија од ресорното министерство откако на денешната прес конференција министерот за образование и наука Јетон Шаќири наместо, до крајот на календарската година, кажа дека учебниците ќе се достават до крајот на учебната година.

„Учебниците кои што имаат забелешки од Бирото за развој на образование (БРО), од рецензентите, од Националниот совет, од другите тела, како што ќе завршат и тие ќе се доставуваат. Очекувам процесот на дистрибуција да даде добри позитивни резултати до крајот на оваа учебна година. Околу 230 илјади учебници се доставени кај учениците остануваат да се достават околу 90 илјади, рече Шаќири на денешната прес-конференција во Владата по повод претставувањето на Предлог-буџетот за 2023 година за МОН.

Видете и ова: Почна дистрибуцијата на новите учебници за основно образование

Одговарајќи на новинарско прашање дали чувствува одговорност да поднесе оставка затоа што две недели пред крајот на првото полугодие голем дел од учениците останаа без учебници, Шаќири рече дека ќе почувствуваше одговорност, ако сите постапки предвидени за наредната учебна година 2023/2024 година зависеле од министерот за образование и наука.

„Да, ќе почуствував одговорност ако тоа што го имам предвидено за наредната учебна година 2023/2024 година сите постапки ќе зависеа од министерот за образование и наука. Вие знаете дека јас дојдов на функцијата министер во јануари, каде што неколку работи беа предвидени однапред. Што значи дека Предлог- буџетот беше донесен од претходната година. Сите постапки во овој период од страна на министерот и од кабинетот на министерот се направени максимално во сите временски рокови. Во период од месец февруари до септември и октомври веќе имаме повеќе од 80 одобрени наслови за основно и средно образование“, рече Шаќири.

Шаќири дополни дека не било целосно точно тоа дека од 1-ви септември недостасувале учебници, наведувајќи дека учениците добиле подготвителни материјали изработени од страна на БРО.