Во Скопје разговори меѓу претседателите на парламентите на Македонија и Косово

Глаук Конјуфца

Северна Македонија и Косово продолжуваат да имаат конструктивни и интензивни билатерални односи, без отворени прашања, со соработка во многу области од взаемен интерес. Ова било констатирано на денешната средба меѓу претседателите на парламентите на Северна Македонија и на Косово Талат Џафери и Глаук Конјуфца. Џафери на заедничката прес-конференција со Конјуфца по средбата, истакна дека тие го поддржуле и одржувањето на втората меѓувладина седница помеѓу Северна Македонија и Косово. Во однос на дијалогот Приштина – Белград, Џафери ја повтори целосната поддршка до постигнување на конечен договор, прифатлив за двете страни, договор со кој ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на целиот регион.

Османи: не воведуваме визи за Косово

Конјуфца нагласи дека неговата посета е во насока на интензивирање на пријателството и добрата соработка што ја има меѓу двете земји. Косово, како што додаде, тежнее кон тоа кон што тежнее и Северна Македонија, а тоа е полноправното членство во ЕУ. „Нашите вредносни определби се јасни и заеднички. Споделуваме исти геополитички определби и во однос на осуда на руската агресија врз Украина и се бориме за слобода и правда за украинскиот народ. Сепак и нашиот регион не е целосно имун на влијанието на Русија. Ова особено се забележува последните денови од постапките што ги прави Србија во однос на Косово. Овие постапки на Србија се неприфатливи, и нивна цел е дестабилизација на Косово и поделба на државата, рече Конјуфца, додавајќи дека како народ стојат заедно обединети во осуда на овие постапки на Србија и во одбрана на демократијата во Косово.