Бербок: Косово ги намали тензиите, а српската реторика ги разгорува

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок синоќа изјави дека Косово ги намали тензиите со одложувањето на локалните избори во четири општини на северот на Косово, а дека реториката од Србија го прави спротивното. „Косово ги намали тензиите со одложување на локалните избори. Последната реторика од Србија го направи спротивното. Идејата за испраќање српски сили на Косово е целосно неприфатлива. Како и неодамнешните напади врз ЕУЛЕКС. Целата моја поддршка оди на дијалогот што го води Мирослав Лајчак“, напиша шефот на германската дипломатија на Твитер.

САД - Приведувањето на Пантиќ се користи како оправдување за нелегалните барикади во северот на Косово

Претходно, американската и британската амбасада во Приштина и Белград повикаа на отстранување на сите барикади на патиштата на северот на Косово. Во заедничкото соопштение на американските амбасади се вели дека САД се длабоко загрижени за моменталната ситуација. „Разбираме дека косовските власти уапсија лице осомничено за вмешаност во насилен напад врз органите на прогонот и изборната комисија. Ова апсење се користи како оправдување за нелегални блокади на патиштата, како и за закани и заплашување на косовските власти и локалното население“, се вели во соопштението.