Српскиот претседател Александар Вучиќ на 11 декември изјави дека ги повикува Албанците и Србите да го зачуваат мирот и да ја смират ситуацијата. Тој побара од Србите од северот да бидат мирни, спокојни и да не наседнуваат на провокации.
„Пред Србите во Косово е тешка ноќ, се надевам дека нема да има насилни акции против демонстрантите кои се на блокадите“, изјави Вучиќ по седницата на Советот за национална безбедност во Белград во интервју за РТС.
Тој додаде и дека добил гаранции од КФОР и Европа дека нема да преземаат насилни дејствија против демонстрантите.
„Ние ќе продолжиме да разговараме со нив“, рече тој.
Вучиќ обвинува дека Приштина не почитува ниту еден од досега постигнатите договори за стабилизација на односите со Белград. Тој бара ослободување на приведениот поранешен полицаец, Дејан Пантиќ. Вучиќ порача и дека напади врз ЕУЛЕКС и КФОР не смеат да се случат.
„Немаме никакви индикации дека имало каков било напад врз ЕУЛЕКС, но напади врз ЕУЛЕКС и КФОР не смеат да се случат, бидејќи Албанците би инсистирале на тоа, тоа ќе биде нивната приказна, бидејќи немаат што да му покажат на светот“, рече тој.
Вучиќ рече и дека е „шокиран од изјавите на одредени европски функционери, кои повикаа на отстранување на барикадите.
„Никој од Белград не нареди барикади“, рече тој.
Американските амбасади во Приштина и Белград во заедничкото соопштение изразија сериозна загриженост за случувањата во северот на Косово. Ведничкото соопштение на американските амбасади во Белград и Приштина оценија дека апсењето на поранешен косовски полицаец од редовите на српската заедница се користи како „оправдување за нелегални блокади на патишта, закани и заплашување на косовските власти и локалното население“.
Од саботата попладне, на 10 декември, дел од локалните Срби подигнаа неколку барикади во општините Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток на северот на Косово и блокираа неколку патишта. Тоа го направија откако косовската полиција го уапси поранешниот полицаец Дејан Пантиќ под сомнение дека организирал напад на канцелариите на Централната изборна комисија на северот на Косово.