Соединетите Американски Држави изразија загриженост за актуелната ситуација на северот на Косово. Во заедничкото соопштение на американските амбасади во Белград и Приштина оценија дека апсењето на поранешен косовски полицаец од редовите на српската заедница се користи како „оправдување за нелегални блокади на патишта, закани и заплашување на косовските власти и локалното население“.
Од саботата попладне, на 10 декември, дел од локалните Срби подигнаа неколку барикади во општините Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток на северот на Косово и блокираа неколку патишта. Тоа го направија откако косовската полиција го уапси поранешниот полицаец Дејан Пантиќ под сомнение дека организирал напад на канцелариите на Централната изборна комисија на северот на Косово.
„Оние кои подигнаа незаконски блокади треба веднаш да ги отстранат. Очекуваме крај на сите закани со насилство и заплашување“, се вели во соопштението, во кое се додава дека се дава поддршка на КФОР и ЕУЛЕКС за да се обезбеди слободата на движење. Изјавата е објавена на Твитер профилот на американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер.
„Одлучно ги осудуваме како неприфатливи сите напади врз Косово и меѓународните безбедносни агенции“, се заклучува во соопштението на американските амбасади. Се повикуваат сите да покажат максимална воздржаност и да преземат итни мерки за деескалација на ситуацијата.
Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово, поради незадоволство од одлуката на властите во Приштина за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки во косовски.