Османи- Со голема загриженост ја следиме состојбата на северот на Косово

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи изрази загриженост за случувањата во соседно Косово. Тој на својот официјален профил на Твитер напиша дека со голема загриженост ја следи состојбата на северот на Република Косово. Според него нападот врз полицијата на Косово и ЕУЛЕКС, како и сите акти кои водат кон ескалација на ситуацијата се неприфатливи.

„Отстранувањето на сите барикади и воспоставувањето правна држава е императив. Охрабруваме сеопфатно решение во согласност со посредување“, пишува во статусот на министерот Османи.

Во општините на северот на Косово, каде мнозинството се Срби, во текот на вчерашниот ден беа подигнати барикади поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ. Во текот на ноќта косовската полиција соопшти дека во три наврати од различни локации од демонстрантите било пукано кон полицајците.

Видете и ова: Косово - повици за мир и осуди за инцидентите и барикадите

Дополнително и Мисијата на ЕУЛЕКС соопшти дека врз нивно патролно возило била фрлена шок бомба. Барикадите со неколку камиони на северот на Косово продолжи и денеска.