КФОР е целосно спремен да го спроведе својот мандат во Косово

Kosovo--Northern Kosovo--barricades--11. December 2022

Портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, денеска се приклучи кон острите реакции на ЕУ и САД за нападот со шок бомби врз патрола на ЕУЛЕКС во селото Велико Рударе кој се случи во текот на вчерашниот ден по поставувањето на блокади.

„Секој таков напад е неприфатлив и сторителите мора да одговараат“, напиша таа на социјалната мрежа Твитер.


Таа рече дека мисијата на НАТО во Косово, КФОР, останува исклучително будна и целосно способна да го изврши својот мандат.

„Ги повикуваме сите страни да избегнуваат провокативни акции и реторика и да придонесат за мирот и стабилноста“, напиша таа на Твитер.

Претходно високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел повика на отстранување на барикадите и деескалација.

„ЕУ нема да толерира напади врз ЕУЛЕКС Косово или употреба на насилни, криминални дејствија на север“, напиша шефот на европската дипломатија на Твитер.

Од мисијата ЕУЛЕКС нагласуваат дека нападот врз нивните единици, како и врз полицајците на Косово е неприфатлив.