Европската унија е загрижена дека Турција одржува блиско партнерство со Русија, и покрај војната во Украина и строгите санкции на Западот против Москва. Продлабочувањето на економските врски меѓу Турција и Русија е „причина за голема загриженост“, пишува шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел во неговото писмо до Парламентот на ЕУ, јавуваат германските медиуми.
„Загрижувачка е и континуираната политика на Турција, да не се приклучи кон рестриктивните мерки на ЕУ против Русија“, се вели во писмото.
Важно е Турција да не и понуди на Русија никакви решенија за санкциите, предупредува Борел.
Претходно турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека ќе продолжи со напорите за прекин на војната меѓу Русија и Украина. Тој ова го изјави на 9 декември, додавајќи дека наскоро ќе разговара со претседателите на двете земји.
„Иако силно го браниме територијалниот интегритет на Украина, се спротивставивме на поттикнувањето тензии во регионот со ирационални политики кон Русија“, истакна Ердоган.