Српскиот претседател Александар Вучиќ на 11 декември изјави дека неговата порака до Србите од Косово е дека „нема и нема да има предавање“, тврдејќи дека тие се „принудени на барикади“.
Во општините на северот на Косово, каде мнозинството се Срби, во текот на вчерашниот ден беа подигнати барикади поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ.
Косовската полиција соопшти дека постои сомневање дека Пантиќ учествувал во инцидентот од 6 декември кога беа демолирани просториите на Централната изборна комисија на Косово во Северна Митровица и Зубин Поток. Барикадите продолжија и денеска.
„Пораката до сите останати е да се формира ЗСО (Заедница на српски општини), да се почитуваат правата и слободите на Србите и Србија и да се однесуваме во согласност со потпишаните договори и меѓународното право, бидејќи тоа е единствениот начин да се започне нормализирање на односите и животите на сите нас“, напиша Вучиќ на социјалната платформа Инстаграм.
Косовскиот премиер Аљбин Курти на 10 декември изјави дека барикадите од северот на Косово треба веднаш да се отстранат и дека косовските власти се во постојан контакт со мисијата на НАТО, КФОР.
Косовскиот премиер ги повика САД и Европската унија да го осудат, како што рече, „организираното насилство“ и оцени дека секоја друга акција „ќе го поттикне официјален Белград дополнително да го дестабилизира Косово“.
Претставниците на српската заедница на почетокот на ноември ги напуштија сите косовски институции на северот и оттогаш има зголемени тензии.
Властите во Србија најавија дека во наредните денови ќе побараат од КФОР, мисијата на НАТО на Косово, да врати илјада единици на српската војска и полиција.
Во меѓувреме, одложени се изборите за градоначалник закажани за 18 декември, по оставките на претседателите на општините Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
За да се вратат во институциите, политичките претставници на Србите од Косово бараат формирање Заедница на српски општини, договорена со Бриселскиот договор, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен.
На барикадите состојбата ја надгледуваат и војници на КФОР, како и припадници на ЕУЛЕКС.
Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово, поради незадоволство од одлуката на властите во Приштина за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки во косовски.