По речиси една година постојан раст, инфлацијата во Албанија, во ноември, бележи благ пад од 0,4 отсто. Стапката на инфлација минатиот месец достигна 7,9 отсто, од 8,3 отсто во октомври, што беше највисоко ниво на овој показател во повеќе од две децении. Најниското ниво беше во февруари кога изнесуваше 3,9 отсто.
Најголемо влијание врз намалувањето на инфлацијата имал транспортот, поради намалените цени во оваа група, а потоа следуваат групите станарини, вода и струја.
Но, и покрај тоа, цените и понатаму се високи, особено оние на храната, каде албанските семејства трошат речиси 42 отсто од трошоците за нивна набавка. Во однос на ноември минатата година, прехранбените производи поскапеле за речиси 14,7 отсто, додека во однос на претходниот месец тие се благо намалени за 0,1 отсто.
Високи се и цените на горивата, што влијае на стапката на инфлација. Регулаторниот завод за следење на цената на нафтата пред само неколку дена ја спушти цената на нафтата под 200 денари за литар, за првпат по кризата.
Проекциите велат дека инфлацијата ќе остане висока, претворајќи се во опасност за економијата, додека Централна банка на Албанија во ноември по 5-ти пат по ред ја зголеми основната каматна стапка за да ја заузди инфлацијата. Имено, на 2 ноември по петти пат за годинава ја зголеми основната каматна стапка за 0,5 проценти и таа сега изнесува 2,75 проценти.