Ленче Здравкин и Денис Јанкуловски го прославија Меѓунардониот ден на заштитата на човековите права со награда. Тие се добитници на државната награда „Мето Јовановски“ за 2022 година за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
Наградите на добитниците во Кристалната сала на Собранието им ги врачи претседателката на Одборот за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ Уранија Пировска. Таа изјави дека Здравкин и Јанкуловски ја заслужуваат оваа награда поради пожртвуваноста во напорите да им помогнат на оние кои се најранливи и маргинализирани.
„Одлучивме да доделиме две награди оваа година затоа што сметавме дека овие двајца луѓе им помогнаа на оние кои навистина се маргинализирани – мигрантите и лицата со нетипичен развој, рече Пировска.
Таа нагласи дека двајцата добитници и се добро познати на македонската јавност, Ленче Здравкин или Ангелот од Велес и Денис Јанкуловски познат како Космонаутко. Здравкин, како што рече, во екот на најголемата бегалска криза ги отвори вратите на својот дом, ги хранеше и им помагаше на бегалците. Додаде дека Здравкин се уште е активна и им помага на социјално загрозените семејства.
„Нашиот глас треба да стигне колку што е можно подалеку. Да ја градиме јавната свест бидејќи не постои толеранција за кршење на човековото право. Секоја координирана активност од општеството, од тебе, од мене, од сите заедно има клучно влијание во справувањето со кршењето на секое човеково право, рече Здравкин.
Пировска потсети дека Денис Јанкуловски во време на Ковид-19, со своите пораки ги охрабруваше пациентите и укажуваше како треба соодветно да се однесуваме во една таква криза. Наградата „Мето Јовановски“ му се доделува за неговите активности за инклузија на лицата со нетипичен развој.
Јанкуловски изрази благодарност за наградата и порача дека лицата со атипичен развој заслужуваат и мора да ги имаат истите човекови права, како и секој од нас, а тоа да не биде само на хартија.
На доделувањето на наградата во Собранието присуствуваше претседателот Стево Пендаровски, кој прв им честиташе на добитниците.