Зеленски- Московските трупи носат „пекол под руското знаме“ во Украина

Украинската војска тврди дека се водат интензивни борби поради руските напади врз градови во регионот Донбас во источна Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во ноќното видео обраќање на 9 декември рече дека московските трупи донеле „пекол под руското знаме“ во неговата земја.

Тој ја нарече ситуацијата со најтешките борби во источна Украина „многу тешка“, особено во Бахмут и Соледар.​


Зеленски за Бахмут посочи дека градот кој имал околу 70.000 жители пред инвазијата сега е уништен.

„Уште еден град во Донбас кој руската армија го претвори во изгорени урнатини. Нема станбена зона што не е оштетена од гранатирањето што трае подолго време“, вели Зеленски.

Во меѓувреме, Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство предупредија дека Русија се повеќе се потпира на Техеран за да ги одржи своите воени напори бидејќи остануваат стравувањата од поширок конфликт во 10-тиот месец од нејзината инвазија на Украина.

Британската амбасадорка во ОН Барбара Вудворд изјави доцна на 9 декември дека покрај стотиците ирански беспилотни летала веќе префрлени во Русија од август за да „убиваат цивили и илегално да гаѓаат цивилна инфраструктура“ во Украина, „Русија сега се обидува да набави повеќе оружје, вклучително и стотици на балистички ракети“.