Рускиот претседател Владимир Путин на 9 декември изјави дека е можна натамошна размена на затвореници меѓу САД и Русија и дека контактите меѓу разузнавачките служби на двете земји ќе продолжат.
Путин зборуваше на прес-конференција во Бишкек, Киргистан, еден ден откако САД и Русија го заменија рускиот трговец со оружје Виктор Бут за американската кошаркарка Бритни Гринер во размена на затвореници.
„Да, се е можно“, рече Путин. „Контактите продолжуваат. Всушност, тие никогаш не престанаа. Најден е компромис, не одбиваме да ја продолжиме оваа работа во иднина“, рече рускиот претседател.
Во меѓувреме, на 9 декември, авионот со американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер слета во САД, откако таа беше ослободена во размена на затвореници по речиси 10 месеци поминати во затвор во Русија. Гринер била видена како излегува од авион во Тексас, пренесува новинската агенција АП.
Размена на затвореници меѓу САД и Русија
„Изминатите неколку месеци беа пекол за Гринер и целото нејзино семејство“, рече американскиот претседател Џо Бајден по ослободувањето на Гринер на 8 декември.
Двократната освојувачка на олимписко злато и шесткратен ол-стар на женската национална кошаркарска асоцијација на САД, 32 годишната Гринер беше уапсена откако полицијата соопшти дека во нејзинот багаж на аеродромот Шереметјево во Москва на 17 февруари пронашла масло од канабис, кое е забрането во Русија. Таа се враќала во Русија, каде што се натпреварува од 2014 година. На 4 август беше осудена на девет години во казнена колонија.