Приватните автобуски превозници бараат средба со Ковачевски

Приватните превозници од јавниот автобуски превоз во Скопје ја блокираа раскрсницата кај Мавровка поради долгови од ЈСП, 28.11.2022

Приватните автобуски превозници доставиле барање до премиерот Димитар Ковачевски за средба со цел наоѓање решение на проблемот со исплатата на долгот што го побаруваат од Град Скопје и ЈСП, поради што веќе пет дена протестираат со блокади во главниот град, информира Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“ во изјава за МИА.

„Ви се обраќаме и ве молиме да одвоите време да не примите на разговор по повод настанатата состојба во јавниот градски превоз во Град Скопје, каде што за жал институциите задолжени за решавање на нашата состојба (ЈСП и градоначалничката на Град Скопје) не нé примаат на средба. Затоа, сметаме дека е потребна помош од највисоката инстанца на власт“, се вели во барањето на приватните превозници до премиерот.

Скопје под блокади – скопјани заложници на партискиот сеир

По четиридневни целосни блокади на три клучни сообраќајни точки во главниот град претпладне во 10 часот почна преместувањето на автобусите на превозниците од крстосниците кај ТЦ „Мавровка“ и Црвен крст и сега протестот се одвива на бул. „Илинеден“ кај Град Скопје. Блокадата на две третини од превозниците е поместена пред Град Скопје при што се блокирани лентите на булевар „Илинден на потегот од Фонтана, до крстосницата до ГОБ „8 Септември“.

Приватните автобуски превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ бараат од Град Скопје да се подмири долгот во износ од над 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за натамошно функционирање.