Во Министерството за одбрана (МО) велат дека немало хакерски напад врз нивната интернет страница, туку се работи за „редовно сервисирање на серверите“ и затоа сајтот не бил достапен одредено време.
„Веб-страницата на МО е повторно во функција. Краткотрајниот прекин се должи на тоа што Министерството за одбрана врши редовно мониторирање и одржување на комуникациско-информатичките системи, како и надградба и модернизација на истите. Во текот на овие активности доаѓа до рестартирање на одредени сервиси и услуги на мрежата кои што се од времен карактер и кои што се со различно времетраење во зависност од комплексноста на активностите“, се наведува во одговорот на Министерството.
Видете и ова: Хакерски напад на веб-страницата на Европскиот парламентПретходно, сајтот за мониторирање настани Датаминр објави дека веб-страницата на македонското Министерство за одбрана се соочува со проблеми со поврзувањето по сајбернападот за кој одговорноста ја презеде проруската хакерска група NoName05716.
Наводно се работи за таканаречен ДДоС напад. ДДоС е напад на веб-страниците, во кој огромен број на фиктивни корисници од различни локации се обидуваат да пристапат до некоја веб-страница и така го преоптоваруваат серверот. Но, на ваков начин не се менува ништо на сајтот.
„Го продолжуваме нашето ДДоС патување низ министерствата за одбрана“, објавила групата, посочувајќи дека под напад биле министерствата за одбрана на Македонија, Словачка, Словенија и Унгарија, како и Министерството за надворешни работи и одбрана на Луксембург.