Претседателката на Косово, Вјоса Османи денеска изјави дека во рок од два-три дена ќе се расчисти прашањето за изборите на северот на Косово. Според неа, институциите прво треба да добијат оценка за состојбата на северот, а потоа да се консултираат со партиите дали изборите да се одложат или не.
„Постојат правила и критериуми поставени од страна на Венецијанската комисија за прашањата за одложување на изборите. Во случаите кога законот изречно не предвидува право на одложување на изборите, како што е случајот во Косово, тогаш мора да се изврши проценка на безбедносните институции. Со таа оценка треба да се занимава ЦИК (Централна изборна комисија) и да има согласност во ЦИК за да предложи нешто такво. Тогаш тој предлог стигнува до Претседателството, но Венецијанската комисија дефинитивно бара од Претседателството да се консултира со политичките партии“, објасни Османи.
Таа порача дека мора да има политички консензус за одложување или неодложување на изборите, бидејќи, како што истакна, таквите одлуки „не се носат сами“.
„Доколку има такво барање, по испраќањето на безбедносната оценка до ЦИК, јас како претседател ќе ја дадам мојата оценка и ќе ја споделам со политичките партии, но мора да има консензус. Тоа е процедура, верувам дека во следните два-три дена се ќе биде разјаснето“, рече таа.
Видете и ова: Инциденти за време на подготовките за избори на северот на КосовоОсмани најави дека во четврток ќе има средба со одредени безбедносни институции и додаде дека секојдневно ја информираат за состојбата.
Централната изборна комисија се подготвува за избори во општините на север - Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, бидејќи градоначалниците на Српската листа поднесоа оставки поради противење на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возила од српски на косовски таблички.