Русија со предлог до МААЕ за безбедна зона околку нуклеарната централа Запорожје

Нуклеарната централа Запорожје.

Русија испратила предлози до Меѓународната агенција за атомска енергија - МААЕ со одредени параметри за создавање безбедносна зона околу нуклеарната централа Запорожје.

„На МААЕ и предложивме решение на проблемот со создавање безбедносна зона со одредени параметри и тие предлози се разгледуваат од агенцијата и може да се разговараат“, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, пренесува Риа Новости.

Тој рече дека не мисли дека директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, ќе ја посети централата во скоро време, бидејќи добива информации од прва рака од персоналот на агенцијата стациониран во централата.

МААЕ не го соопшти предлогот на Русија, ниту дали Гроси наскоро ќе оди во Запорожје. Меѓународната мисија предводена од Гроси ја посети фабриката од 31 август до 5 септември.

Москва во ноември објави дека нуклеарниот објект сè уште е под руска контрола и ќе остане, откако украински функционер сугерираше дека руските сили се подготвуваат да го напуштат.

Видете и ова: Путин: Борбите во Украина може да траат долго

Русија и Украина, кои настрадаа од најтешката нуклеарна несреќа во светот во Чернобил во 1986 година, меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на комплексот, кој има шест реактори. Двете страни предупредија на опасност од нуклеарна катастрофа, додека Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН сака да создаде заштитна зона околу централата.