Портпаролот на Европската унија – ЕУ, Петер Стано потврди денеска дека наскоро ќе има средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, како дел од дијалогот за нормализација на односите.
„Високиот претставник Жозеп Борел веќе ги покани да дојдат во Брисел. Точниот датум на средбата ќе го објавиме штом ќе се знае, како секогаш“, рече Стано на конференцијата за новинарите во Брисел.
Имено, по средбата на главните преговарачи во Брисел кога беше постигнат договор за регистарските таблички, Борел, поздравувајќи го договорот, веќе најави продолжување на дијалогот на повисоко политичко ниво.
Според информациите на Радио Слободна Европа оваа средба најверојатно ќе се одржи по новогодишните празници.
Видете и ова: ЕУ подготви нов предлог за односите меѓу Косово и СрбијаСо договорот за регистарски таблички, со кој се избегна ескалација на ситуацијата на северот на Косово, се отвори можност лидерите да продолжат да се состануваат за да разговараат за таканаречениот француско-германски предлог за дијалог.
Нема официјални информации за содржината на предлогот за нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград. Одредени медиуми го објавија наводниот текст на предлогот, чија автентичност не е потврдена од ниту еден од релевантните актери.
За постоењето на француско-германскиот план прв проговори српскиот претседател Александар Вучиќ. На 8 октомври тој изјави дека Франција и Германија претставиле предлог Србија да дозволи влез на Косово во меѓународните институции и организации, вклучително и Обединетите нации во замена за брзото членство на Србија во ЕУ.