САД и Русија извршија размена на затвореници. Американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер е разменета со рускиот трговец со оружје Виктор Бут. Ова е втора размена со затвореници во последните осум месеци и покрај заладените односи меѓу двете земји.
Руското Министерство за надворешни работи во објава на Телеграм денеска соопшти дека размената се случила на аеродромот во Абу Даби. Американските власти допрва треба да коментираат официјално за размената, но медиумите цитираат извори дека Гринер повеќе не е во руски затвор.
Ниту еден друг затвореник не беше споменат како дел од договорот. Русија во последните години осуди неколку американски државјани на долги затворски казни.
Видете и ова: Американската кошаркарка Гринер во Русија осудена на девет години затворска казнаДвократната освојувачка на олимписко злато и шесткратен ол-стар на женската национална кошаркарска асоцијација на САД, 32 годишната Гринер беше уапсена откако полицијата соопшти дека во нејзинот багаж на аеродромот Шереметјево во Москва на 17 февруари пронашла масло од канабис, кое е забрането во Русија.
Таа се враќала во Русија, каде што се натпреварува од 2014 година. На 4 август беше осудена на девет години во казнена колонија.
Бут, кој е наречен „Трговец на смртта“, отслужуваше 25-годишна затворска казна во САД поради трговија со оружје.