ЕУ денеска го потврди приемот на Хрватска во Шенген зоната, соопштија хрватските претставници на блокот.
„Последниот чекор е завршен! Усвоена одлуката на Советот . Сега е официјално потврдено дека Хрватска се приклучува на Шенген зоната од 1 јануари 2023 година“, се вели во твитот на постојаното претставништво на Хрватска во ЕУ.
За одлуката беше потребна согласност од сите земји на ЕУ кои се членки на Шенген зоната, додека четирите надворешни членки кои се надвор од блокот не одлучуваат за тоа. Шенген зоната моментално вклучува 22 од 27-те земји-членки на ЕУ, како и Швајцарија, Норвешка, Лихтенштајн и Исланд кои не се членки на ЕУ.
Видете и ова: Австрија најави вето за Романија и Бугарија за пристапување во Шенген зонатаМинистерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев чија земја не доби зелено светло за влез во Шенген, потврди дека причината поради која неговата земја и Романија не биле примени е мигрантската криза.
Австрија беше најмногу против приемот на Бугарија и Романија во безграничната европска зона.
„Австрија нема јасни податоци од каде доаѓаат овие мигранти. Нашето гледиште и гледна точка на Европската комисија е дека најголем дел од илегалните мигранти доаѓаат од Србија поради безвизниот режим“, рече Демерџиев.
Романија и Бугарија чекаат да бидат дел од Шенген зоната од 2011 година. Минатиот месец Европската комисија донесе одлука дека Хрватска, како и Бугарија и Романија ги исполнуваат техничките критериуми за приклучување, а за нивно членство гласаше и Европскиот парламент.