Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“ денеска информираше дека Координативното тело на приватните превозници донело одлука протестите од раскрсницата кај Црвен крст и „Мавровка“ да се дислоцираат утре во 10 часот пред бараките на Град Скопје на булевар „Илинденска“ кој што ќе биде блокиран во сите четири ленти, на потег од позади Владата кон Карпош до „Алумина“.
„Имавме координација со кооединативното тело на приватните превозници. После вчерашната прес-конференција во Градот Скопје, еден таков дебакл, една таква срамота и брука што е направена, се повеќе излегуваат на виделина аргументите кој е главниот виновник за состојбава, кој е главниот виновник што граѓаните на Град Скопје ни криви, ни должни мораат да го трпат сето ова, која е главниот виновник што не сме исплатени, кој е главниот виновник за хаосот во сообраќајот? Тоа е директно градската управа, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска. Се повеќе нашиот револт се насочува и се фокусира кон управата на Град Скопје“, рече Муриќ.
Видете и ова: Приватните превозници в сабота ќе одлучуваат за следните чекориТој најави дека Координативното тело на приватните превозници в сабота ќе одлучува за натамошните чекори и дека остануваат на ставот дека ниту еден превозник да не се јави на јавниот повик од страна на Град Скопје.
Превозниците бараат од Град Скопје да го подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање поради недостиг на средства.
Тие останаа без дозволите да вршат јавен превоз поради што се решија на блокади на три големи крстосници во главниот град. Град Скопје под чија капа е јавниот превоз во градот, бара Министерството за внатрешни работи да ги расчисти блокадите.