Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“ денеска на четвртиот ден од блокадите на приватните превозници на неколку улици низ Скопје, информира дека во саботата ќе одржат состанок на координативното тело на кој ќе треба да се одлучува за нивните понатамошни мерки.
„Како што спомнав, бесот се повеќе се фокусира кон главниот виновник за состојбава – управата на Град Скопје. Не можам да кажам ништо пред време. Треба да е состане координативното тело на превозниците, но со оглед на тоа дека се повеќе се стеснува кругот, се повеќе аргументите излегуваат на виделина и се надевам дека фокусот ќе биде тука пред управата на Град Скопје. Фокусот на нашето незадоволство и аргументите што секој ден излегуваат на виделина ни даваат за право да го фокусираме нашиот бес и протест овде пред градската управа. Не е исклучена можноста воопшто, но тоа ќе мора да го договориме на координација што мислам во сабота ќе ја одржиме“, рече Муриќ.
Тој потврди дека остануваат на ставот дека ниту еден превозник да не се јави на јавниот повик од страна на Град Скопје. Според него, тоа е само обид за разединување и разбивање на единството на приватните превозници.
Видете и ова: Продолжуваат блокадите на приватните автобуски превознициПревозниците бараат од Град Скопје да го подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање поради недостиг на средства.
Тие останаа без дозволите да вршат јавен превоз поради што се решија на блокади на три големи крстосници во главниот град. Град Скопје под чија капа е јавниот превоз во градот, бара Министерството за внатрешни работи да ги расчисти блокадите.