Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека Коридорот 8 влегува во Европскиот коридор за Западен Балкан-Источен Медитеран, како дел од мрежата на главните трансевропски коридори. Според министерството, одлуката на Европската комисија, овој предлог да го стави на дневен ред пред Европскиот парламент и Советот на министри е резултат на иницијативите на земјите од Западен Блакан, вклучуваќи ги Република Северна Македонија, Бугарија, Албанија и Италија.
„Стратешките планови за изградба и модернизација на овој Коридор ги презентирав и во Европската Комисија во Брисел во рамки на 6-от Министерски совет на Транспортната заедница, чии домаќин беше комесарката за транспорт на ЕУ, Адина-Јоана Валеан. Благодарност за Чешкото претседателство, силната поддршка од страна на комесарката за транспорт Валеан, министрите за транспорт од регионот и директрот на Секретаријатот на транспортната заедница, Матеј Закоњшек кои дадоа сериозни аргументи за оваа многу значајна одлука“, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Со оваа одлука, како што е наведено во соопштението од Министерството за транспорт и врски, европскиот транспортен Коридор 8 како дел од Коридорот „Западен Балкан – Источен Медитеран“ ќе даде дополнителна додадена вредност и можност за посилен економски раст на регионот на Западен Балкан и Европската Унија.
Видете и ова: Пругата кон Бугарија како подиум за сликање на политичаритеНа 29 октомври со присуство на премиерите на Македонија и Бугарија и со многу други гости се одбележа почетокот на изградба на две делници на Коридорот 8, со кои продолжува реализација на проектот кој започна пред 28 години. Станува збор за вкупно 65 километри.