Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не ја исклучува можноста борбите во Украина да се претворат во „долг процес“, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Украина нема да остави ниту еден од своите граѓани под руска окупација.
Путин рече дека „специјалната воена операција“ може да трае долго време и ја нарече руската анексија на дел од териториите на Украина големо достигнување.
„Се разбира, тоа би можело да биде долг процес“, рече Путин приближно девет и пол месеци откако ја нареди инвазијата.
Путин вети дека „постојано ќе се бориме за нашите интереси“ и „да се заштитиме со сите расположливи средства“ и го повтори своето тврдење дека нема друг избор освен да испрати војници во Украина.
Видете и ова: Експлозија во Севастопол, бран напади во источна УкраинаРусија го зазеде пристаништето Мариупол во Азовското Море во мај по речиси тримесечна опсада на градот. Во септември, Путин незаконски анектираше четири украински региони - Херсон, Запорожје, Доњецк и Луганск, иако неговите сили не ги контролираа целосно. Русија незаконски го зазеде украинскиот полуостров Крим во 2014 година.
Украина успеа повторно да заземе некои територии, вклучувајќи го градот Херсон и целиот десен брег на регионот по повлекувањето на руските сили минатиот месец. Зеленски рече дека украинските сили досега во борбите ослободиле 1.888 населби од руската окупација.
„Војната се претвори во војна за опстанок“, рече тој.
Руската инвазија на Украина започна на 24 февруари.