Министерството за внатрешни работи стои на располагање да ги поддржи сите активности за борба против криминалот и корупцијата, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој при денешната посета на Струмица одговараше на новинарски прашања за критиките упатени од американската амбасадорка Анџела Агелер во однос на корупцијата во земјава и за тоа што САД испраќа тим за санкции во Скопје.
Министерот вели дека го поддржува апсолутно сето она што беше изнесено од страна на амбасадорката на САД, но и од други релевантни фактори.
„Тоа практично е приоритет и на Владата и тој приоритет мора до крај да биде реализиран и во секоја пора од македонското општество да се навлезе, да се реализира и секој еден што навистина се занимава со криминал од било каков тип да сноси сериозна одговорност“, изјави министерот Спасовски.
Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ побараа Спасовски да си даде оставка.
„Странски извршители да гонат криминал, а не домашни е јавен пораз и доказ дека МВР продуцира криминал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Видете и ова: Американски тим во Македонија за поагресивно истражување на корупцијаАмбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, вчера објави дека во земјава пристигнал тим за санкции од Вашингтон кој е тука за поагресивен преглед на минатите и сегашните корумпирани актери.
На темата „корумпирани актери“ зборуваше и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој вели дека корупцијата во земјава не е само на ниво на политика, туку е на секое ниво.
Тој го поздрави овој засилен ангажман на САД во поддршка на институциите за владеење на правото и за борба против корупцијата.
Османи вели дека ДУИ се подготвени да предложат закон со којшто ќе бараат институционална проверка на секој кандидат за носител на јавна функција.