Над 150 повредени во судир на возови во Шпанија

Архивска фотографија од судир на возови во Шпанија, мај 2022

Најмалку 155 луѓе се повредени во судир на два воза на периферијата на Барселона, соопштија шпанските власти. Несреќата се случила утринава пред 8 часот во регионот Каталонија во североисточна Шпанија.

Локалните медиуми јавија дека возовите оделе во ист правец и се судриле додека едниот бил паркиран на станица. Каталонската полиција истражува како дошло до инцидентот. Службата за итни случаи на Твитер објави дека несреќата се случила на станицата Монткада и Рексак – Манреса на околу 12 километри од центарот на Барселона.

Три лица биле пренесени во болница. Железничкиот сообраќај накратко бил прекинат на неколку линии, соопшти регионалната влада.

Видете и ова: Пругата кон Бугарија како подиум за сликање на политичарите


Опишувајќи го моментот на судирот, една патничка за изданието Сер Каталонија рекла дека доживеала „страшен удар“ и дека „луѓето врискале“. Друга патничка за Би Би Си рекла дека видела луѓе „со исекотини од ударот“.

Шпанската министерка за сообраќај Ракел Санчез рече дека внимателно ја следи ситуацијата и им посака „брзо закрепнување“ на повредените.