Македонија и Бугарија заеднички ќе го одбележат „Св. Климент Охридски“

Министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков

Министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков денеска во Скопје најави дека согласно постигнатиот договор меѓу двете земји, заеднички ќе биде празнувана дејноста на Свети Климент Охридски. „За прв пат заеднички ќе ја празнуваме дејноста на Свети Климент Охридски, ќе положиме цвеќе во знак на почит пред споменикот на Свети Климент Охридски, тој е еден од најпознатите ученици на светите браќа Свети Кирил и Методиј кои ние ги почитуваме и го почитуваме нивното дело“, рече Милков на денешната прес конференција со неговиот колега Бујар Османи во рамки на бизнис-форумот „До една милијарда и понатаму“. Според Милков заслугата за заедничкото чествување на Свети Климент Охридски е на заедничката историска комисија.

Премиерот ја осуди изјавата на Костадинов дека Македонија е втора бугарска држава

Милков оцени дека изјавите на бугарскиот пратеник и лидер на партијата Преродба Костадин Костадинов не ја одразуваат официјалната позиција на Бугарија. „Јас сум сосема категоричен дека Костадин Костадинов не ја изразува официјалната позиција на Република Бугарија и на нејзината Влада и мојот апел кон медиумите во Македонија е да не го концентрираат вниманието врз политичари коишто бараат такви крајни искази. Поважен е официјалниот став на Бугарија и многу ќе се радуваме ако вие го посочувате на граѓаните на Македонија тоа што го мисли мнозинството од бугарското општество и политичарите, а не некои луѓе што користат такви термини за да ги истакнат своите политички внатрешни цели, рече Милков. Костадин Костадинов, на отворањето на на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје на 25 ноември, рече дека „Македонија е втора бугарска држава, односно треба да бидеме една држава, која ќе се протега од Црното Море до Охридското Езеро“.